Skip to content Skip to footer

Осветлување на јавен простор со старински фенери во 21-виот век

Оваа акција беше инспирирана од фактот дека за време на последните неколку години одредени општини во РС Македонија го имаа запоставено уличното осветлување. Oдредени делови од градовите и цели села беа во тотален мрак. За време на истражувачкиот период дознавме дека најмногу афектирани од овој проблем беа помали општини како што се Маврово-Ростуше, Центар Жупа, Дебар, Боговиње, Теарце и одредени општини во Источна Македонија. За оваа прилика одлучивме да се посветиме само на општините во Западна Македонија кои се лоцирани во планинските предели, како што се: Маврово-Ростуше, Дебар, Центар Жупа, каде што уличното осветлување е важно за безбедноста на жителите од диви животни (мечки, волци), бидејќи нефункционирањето на уличното осветлување може да предизвика чувство на небезбедност кај жителите или минувачите. Акцијата беше направена во следните села: Ростуше, Скудриње, Аџиевци, Маврово, Никифорово, Могорче, Пареши, Татеши, Жировница, Папрадник и во Дебар во погоре напоменатите општини. Во рамките на оваа акција поставивме над 30 различни видови на фенери (газиени, ламби со свеќа и електирчни ламби) на столбовите на нефункционалното улично осветлување. Акцијата ја спроведовме заедно со локалните жители од претходно наведените села, кои акцијата ја прифатија со раширени раце, не дека акцијата целосно ќе го реши проблемот, туку акцијата претставуваше начин да се притиснат локалните власти да го решат проблемот. Веднаш по поставувањето на акцијата локалните жители испратија фотографии од акцијата до надлежните власти и одговорните институции (комунални претпријатија). Сакаме да нагласиме дека Општина Маврово-Ростуше веднаш одговори на пораките на жителите со поправање на голем број на улично осветлување во селата Ростуше, Аџиевци, Скудриње и Маврово.

en_GBEnglish (UK)